Македонија

СЕП: Намалени се 20,5 милиони евра од ИПА 2

СЕП: Намалени се 20,5 милиони евра од ИПА 2

Секретаријатот за европски прашања (СЕП) денеска со соопштение информираше за степенот на програмирани средства за 2016 година и реалната состојба околу степенот на неангажирани средства во фазата на програмирање, по, како што се наведува, изјавите на Европската комисија и информациите во медиумите, а кои го засегаат СЕП како главен координатор на ИПА фондовите во земјата.

– Според Националниот стратешки документ за Република Македонија, финансиските средства за програмската 2016 година изнесуваат 91,6 милиони евра, посочува Секретаријатот.

Во програмата за 2016 година се програмирани вкупно 64,5 милиони евра и тоа, како што стои, во рамки на годишното програмирање три акции – Учество во програмите на унијата, Акциска програма за миграција и азил, гранично управување и борба против организираниот криминал, и Акциската програма за поддршка на приватен сектор и деловна срдина (27,67 милиони евра), потоа повеќегодишни програми за транспорт, животна средина и земјоделство (34,22 милиони евра – алокација само за 2016) и средства за поддршка на граѓанското општество (2,65 мил евра).

– Од страна на Европска комисија беше донесена одлука за формирање на регионален фонд за справување со мигрантската криза во Западен Балкан и со оваа одлука од сите земји од Западен Балкан беа алоцирани средства во висина од околу 6.5 милиони евра, со тоа што овие средства се сметаат како резервирани средства. Дополнително, заради неисполнувањето на предусловите за секторскиот пристап на кој се базира програмирањето на средствата од ИПА 2, како и актуелната политичка состојба во земјата, од поднесената годишна програма за 2016 година се намалени средства во износ од околу 20,5 милиони евра, главно за потсекторот Управување со јавни финансии и секторот конкурентност, се наведува во соопштението.

Програмата за 2016 година, според СЕП, се наоѓа во меѓуресорска консултација во Европската комисија и се очекува таа да биде усвоена до крајот на годината од ИПА комитетот во Брисел, по што средствата ќе бидат ставени на располагање за користење.

– Програмирањето на ИПА средствата за 2014-2020 година е континуиран процес. До сега се програмирани ИПА средствата за 2014, 2015 и 2016 година, а во тек се подготовки за програмирањето за 2017, каде се очекува да се дефинираат дополнителни едногодишни програми за секторите: Демократија и владеење, Реформа на јавната администрација, Управување со јавните финансии, Механизам за поддршка на процесот на Европска интеграција, Програми на Унијата и Образование, вработување и социјални политики, вклучително и интеграцијата на ромската заедница, се наведува во денешното соопштение од СЕП.