Сергеј Лавров: Украина е на раб на граѓанска војна

Кога Украинци убиваат Украинци се смета дека е блиску граѓанската војна. Во источниот и во јужниот дел на Украина има вистинска војна со тешко оружје. Ако тоа е погодно за слободни и фер избори, тогаш не знам што значи фер и слободно, истакна шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, во врска со предвременте претседателски избори закажани за 25 мај.

Тој оцени дека проруските сепаратисти треба да се вклучат во разговорите за „национално единство“, кои денеска почнаа во Киев. На разговорите учествуваат поранешни украински претседатели, актуелни украински владини претставници, пратеници, верски лидери и академици.

Тркалезната маса за „национално единство“ е прва во низата на планирани средби и се одржува по препорака на Организацијата за безбедност и соработка во Европа и се одвива без претставници на источните региони во Украина.

„Не знам кој точно учествува на тркалезната маса во Киев. Убедени сме дека за да биде успешен националниот дијалог, апсолутно е неопходно сите региони во Украина, не само јужните и источните, туку и западните рамноправно да учествуваат“, посочил Лавров.