Сериозен политичар не кажува секоја недела различно решение

Премиерот Зоран Заев пред два дена кажа дека не се знае дали ќе биде Северна или некое друго име, a политичар од таа коалиција нафрла и лицитира со имиња кои прв пат се слушаат. Кажаа еден предлог кој за еден час им пропадна.  Серозен политичар не дава секоја недела различно решение. Ова е купи ден, продај дипломатија, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски во Емисијата Фактор на Телевизија 24.

Мисајловски посочи дека не може да се каже која е преговарачката позиција и тактика на оваа гарнитура бидејќи таа е постојано променлива и очигледно оваа гарнитура не знае до каде е црвената линија  за Македонија, Македонците и за сите граѓани во Република Македонија.

Во однос информациите кои ги добива опозицијата тој потенцираше дека гледаме дека постои скриена дипломатија и се добиваат селектирани информации и тоа дел од домашните, а другиот дел од грчките медиуми кои не се до крај јасни.

– Ние не бевме запознати со пакетот и затоа баравме лидерска средба за да знаеме што точно се случува.  Не може да не го информирате и претседателот на Република Македонија за тоа што тој пакет содржи, но тоа се случи. Тоа што на секоја средба добиваме различни информации за преговорите тоа не е добра дипломатија, вели Мисајловски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека достоинството може да се задржи доколку се изгради заедничка позиција и став кој ќе биде добар за идните генерации на оваа држава, но за жал опозицијата намерно е тргната на страна, но додава дека тоа сите го увидоа и веќе наидува на отпор кај граѓаните.

Прашан за ставот на ВМРО-ДПМНЕ тој го повтори ставот дека нема да поддржи промена на уставот со цел промена на Уставното име, бидејќи сега гледаме дека тоа е дел од тој пакет.

– Самото име е идентитет на една држава, доколку се прави компромис треба да се најде заедничко прифатливо решение, а не едната земја се да попушти, истакна Мисајловски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.