Сериозна осуда за пукањето врз Тодоров, тоа што се случи е недозволиво, изјави Заев одговорајќи на новинарски прашања

Го осудувам ваквиот начин. Не ги знам деталите, Оливер Спасовски ме информираше дека се работи за некое физичко лице кое што директно посегнало по пиштол, рече во четвртокот новиот премиер Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања во врска со обидот за убиство на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров пред министерството и изрази „сериозна осуда“ за инцидентот, а притоа одговори на повеќе прашања поврзани со јавниот обвинител и мерките коишто ќе ги презема новата власт, како што е екстерното тестирање.

„Не знаеме детали околку самиот настан, но целосно го осудувам начинот, како да кажам со други зборови, недозволиво нешто дури и да се помисли, а не пак да се изврши таква работа. Драго ми е што поранешниот министер Никола Тодоров е безбеден и сигурен, заради тоа што ние сме луѓе треба да се помагаме, не треба да си испраќаме никакви лоши пораки и навистина, освен сериозна осуда и не дај боже да се повтори никому, ништо друго не би посакувале“, изјави Заев.

Лидерот на СДСМ и нов премиер, рече дека нема информации на барањето Јавниот обвинител Марко Зврлевски да си поднесе оставка.

„Немам информација, се обидов на најкуртоазен начин. Редот е дека Владата дава предлог до Собрание за разрешување и Владата дава предлог за именување. Мислам дека ваквите процеси треба да ги забрзуваме. Денеска е почетокот на реформите во Македонија и навистина, една од најсериозните реформи ќе биде реформата во судството. Наши аспирации се експертски луѓе, кои ќе треба уште од самиот почеток, не заради нас, нашите очи и видувања и, туку заради очите и начинот на видување на граѓаните, ќе вгнездуваат професионалност, непристрастност, политички неповрзаност и слично, кое е исто така составен дел на реформскиот процес, а не е преточен преку правни и законски нормативи. Односот на луѓето и поставеноста ќе ја зацврстат независноста на многу институции“, одговори Заев.

Рече дека уште денеска ќе даде насока за да отстрани оградата околу Владата, затоа што, како што рече Заев, Владата мора веднаш да биде отворена. Изрази уверување дека постојат процедури, законски нормативи, и порача дека ќе ја негува отвореноста на Владата.

„Мислам дека постојат законски решенија за оваа работа. Знам дека разрешување и именување на директор се врши од страна на Владата по предлог на министер. Така што ќе ги почитуваме процедурите, како е законски, така ќе постапуваме, но нашата намера е да се преземе власта, бидејќи мора да се гарантира и безбедноста, но и иднината на сите граѓани“, рече Заев запрашен како ќе постапува со директорот за јавна безбедност при МВР.

За постетата претходно утрото кај претседателот Ѓорге Иванов рече дека во присуство на неговииот владин кабинет, заедно со Иванов, констатирале потреба од соработка.
„Знам дека ќе ми треба соработка со Претседателот на државата. Истовремено, тој и неговиот кабинет знаат дека ќе треба соработка со Владата, заради тоа што постоиме и ги извршуваме функциите во интерес на граѓаните и државата. Искрено се надевам на соработка, ќе направиме се оваа соработка да биде на највисоко можно ниво, заради тоа што од таквата соработка интерес имаат граѓаните. Ако ја нема соработката, на крајот тоа ќе го чувствуваат и граѓаните. Јас сум за соработка со сите. Како што гледате, ја повикав и опозицијата на соработка. Верувам дека на Македонија ѝ треба оптимизам, ѝ требаат позитивни пораки, за да тргне процесот кој ќе донесе живот за сите“, додаде новиот премиер.

На прашањето дали ќе проверува дали во неговиот нов работен кабинет во Влатата има уред за следење, Заев порача дека „веројатно службите ќе си постапат, за да ја осигураат професионалноста на функционирањето на претседателот на Владата, како и на сите други простории во кои функционираме и работиме“. Притоа додаде дека има намера да биде целосно транспарентен, да не крие ништо од јавноста, но и оти секако ова покрај професионална е и приватна просторија, каде што верува дека не би требало да постојат такви работи.

„Денеска е за мене прв работен ден, а нашиот парламент којшто е над Владата носи една убава одлука се укинува екстерното тестирање преку измена на три законски решенија. Тоа се однесува најмногу на дечињата коишто се нашата иднина и надеж и нешто за коешто сите живееме, буквално. Но заедно со нив траумите беа присутни и кај нивните родители и кај наставниците, и верувам дека еден ваков нов почеток е убав кога се работи за нешто добро и кога се работи за дечињата. Не се откажуваме од корективите и проверките на образованието и на образовниот процес секако најавивме дека тоа ќе го направиме преку мотивации, преку наградувања, а не со закани и казнувања. Но верувам дека ова е одличен сигнал со барањата јавно на оставка на г-динот Марко Зврлевски, за мене почнаа реформите во правосудството и навистина сите реформи ќе бидат нашиот приоритет. Паралелно со реформите ќе работиме со комплетен приоритет на унапредување на економскиот квалитет на животот на граѓаните. Јас верувам дека во Македонија може економски многу поубаво, многу посреќно и побериќетно и перспективно да се живее. Ќе работиме со полна пареа во тој правец за да на крајот како што рековме овозможиме живот во Македонија за сите“, рече Заев

На прашњето за состојбата на Буџетот, рече дека новиот министер за финансии Драган Тевдовски веќе ги почнал активностите околу оваа работа.

„Јас само споделив тоа што Емил Димитриев го пренесе дека состојбата е стабилна во Буџетот, дека не е нешто блескава ама не е ни драматична, што сериозно ме успокојува малку заради тоа што знаете дека на крајот од денот од парите зависи се, парите се за граѓаните. Јас верувам дека ако некое домаќинство треба да штеди за да овозможи за децата и за иднината, државата е успешна ако пласира повеќе пари, ако пушти повеќе пари во оптег и тоа е нејзината успешност. Ама за да пуштите треба да имате пари. Треба да ги собереме парите на даночните обврзници онака како што тоа законот го пропишува. Ние најавивме дека ќе ги растеретиме од овие притисоци, закани и уцени, но менаџментот со државната каса навистина носи среќа, носи здравје, носи образование, носи полиција, одбрана, безбедност за граѓаните. Верувам дека менаџментот со финансиите досега за мене во животот не бил проблем при водење на општината и при други функции што сум ги обавувал. Верувам дека успешно ќе менаџираме со финансиските средства на државата“, додаде Заев.

На прашањето дали планира да се всели во премеирската резиденцијата на Водно, рече дека во текот на претстојниот викенд за тоа ќе разговара во кругот на семејството
„Ќерка ми е тинејџер, синот е на 13 години, тие ја сакаат Струмица. Тоа е едно наше убаво место во нашата Македонија, ќе сакам да ги почитувам и нив. Јас верувам дека 150 километри нема да бидат пречка да покажеме пред цела Македонија дека не само што може некој од внатрешноста да стане премиер, туку може и да функционира живеејќи во внатрешноста како премиер. Ми ветија, веројатно ќе доаѓаат за време на викенд кога не се на училиште, овде. Нема да спијам повеќе во партијата. Јас синоќа спиев во партијата, веројатно ќе го користам тоа што е предвидено по закон што следува на премиерот, а тоа е Вилата на премиерот или куќата, незнам за што точно се работи, заради тоа што според мене ова е овозможено меѓу другото, за да паднат одлуки таму за време на вечерата да добиеме некој придобивки од пријателите како Европска Унија и НАТО и верувам дека сето она што системот го има смислено треба да биде со редот на работите и така поставено. Но имам намера да бидам и татко, и родител, и пријател и другар, ние 24/7 нема да работиме ќе бидеме и родители, ќе бидеме и пријатели, ќе бидеме обични луѓе заради тоа што верувам дека како таков им требам и на граѓаните на Македонија“, рече Заев.