Сериозни забелешки од ад- хок телото и за Телма, МТВ и 24 Вести, но нема казни

На дискусијата на ад-хок телото за мониторирање на медиумите во четвртокот и петокот биле изнесени сериозни забелешки од членовите Цветин Чилиманов и Слаѓана Димишкова за Телма, МРТВ и 24 Вести, но двајцата на крај сепак гласале против казнување на медиумите.

Иако опозициските медиуми постојано манипулираат дека членовите на телото изнесувале забелешки само за известувањето на медиумите кои ги обележуваат како провладини, сепак сериозни забелешки се изнесуваат и на сметка на проопозициските медиуми од членовите на телото.

Имено, во делот каде се разгледувал извештајот за МРТВ, членот на Комисијата Чилиманов забележал дека Првиот Програмски Сервис МРТ 1 во периодот на надзор го имаше без конкуренција најсериозниот пропуст во поглед на непочитување на новинарските стандарди, со интервјуто на Специјалната Обвинителка Катица Јанева.

-Во текот на интервјуто новинарката одби да постави критички прашања до обвинителката, очигледно ги координираше прашањата и одговорите со неа, и и дозволи да чита од однапред подготвени одговори. Интервјуто беше емитувано со манипулативно користење на стари снимки од СЈО, со цел пред јавноста да се прикрие фактот дека обвинителката ги чита своите одговори. Се работи за најтежок случај на позитивно врамување за еден јавен функционер забележан во овој временски период, и изненадува што ова не беше забележано и во пишаниот извештај на Програмскиот Сектор на АВМУ, смета Чилиманов.

Во делот каде се разгледувал изештајот за 24 Вести, Чилиманов и Димишкова истакнале дека балансот на известување на телевизијата во надзорниот период во голема мерка бил во полза на партијата СДСМ. Телевизијата посветила 5,49 проценти од програмата на СДСМ, а 3,5 проценти за ВМРО-ДПМНЕ, што е значителна разлика во известувањето за двете партии кои доминираат со програмата.

-Во своето известување за прес конференцијата на СЈО, телевизијата објавуваше снимки од “бомбите” на СДСМ, со што ја прекрши тајноста на постапката и негативно ги врами личностите кои беа посочени во снимките, истакнал Чилиманов.

Во однос на известувањето на Телма и 24 Вести, Чилиманов посочил поголем број на прилози емитувани на овие две телевизии кои можат да се сметаат за прекршување на член 75-Б од Изборниот Законик.

-Прилози за настапи на министрите Спасовски и Ременски, како и техничкиот заменик министер Николовски се однесуваа на нова мерка што партијата СДСМ ја најавува во Министерството за внатрешни работи, одземање и повторно доделување социјални станови, социјална помош за лекување на болни деца, отворање градинка во Струга, помош за сточарите чии животни се зафатени од болеста јазлеста кожа. Овие прилози не беа забележани од страна на Програмскиот Сектор на АВМУ и не беа наведени во извештајот, иако функционално не се разликуваат од извештаи кои беа посочени за кршење на членот 75-Б, вели Чилиманов.

И покрај бројните нотирани прекршувања, сепак на крајот Димишкова и Чилиманов кои станаа членови на ад-хок телото по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, гласале против казнување на овие медиуми и покрај сериозните забелешки кои ги истакнале.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.