Сешнс ги нарече „бесрамни лаги“ обвинувањата за врски со Русија

Американскиот министер за правда и јавени обвинител Џеф Сешнс на сведочењето пред комитетот за разузнавачки прашања на Сенатот за наводните врски со Русија во вторникот изјави дека обвинувањата дека бил во договор со Кремљ или со руската страна склучувал какви и да се договори се „бесрамни и гнасни лаги“.

„Секоја сугестија според која наводно сум бол во договор или сум знаел за договор со руската влада, насочен против мојата земјата би била бесрамна и гнасна лага“, изјави Џеф Сешнс, високо позициониран член на кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп и негов советник во текот на претседателската кампања минатата година.

„Никогаш не сум се сретнал или разговарал ниту со еден Русин, ниту со еден странски функционер околу какво и да е мешање во каква и да е кампања или избори во САД. Покрај тоа, не знам за никаква конверзација која би ја водел некој од кампањата на Трамп“, изјави Сешнс на сведочењето.

Една од целите на сослушувањето е да се утврди поради што Сешнс им рекол на сенаторите во јануари дека немал контакти со руски функционери минатата година во текот на изборната кампања. Тој во март признал дека двапати минатата година се сретнал со рускиот амбасадор во Вашингтон, Сергеј Кислјак.

Според неговите колеги, Сешнс не излажал пред Конгресот, бидејќи тие средби биле дел од неговата активност како американски сенатор, а не како претставник на кампањата на Трамп.

Сешнс изјави и дека има доверба во Роберт Мјулер кој ја води истрагата за наводното руско мешање во американските претседателски избори, без оглед на шпекулациите кои се појавија дека претседателот Трамп би можел да го смени. Сешнс рече дека не знае дали тоа е вистина, истакнувајќи дека нема никаква причина да се верува во тоа. „Имам доверба во Мјулер“, рече.

Заменикот државен обвинител Род Розенстејн изјави претходно на сослушувањето дека Мјулер е целосно независен и нагласи дека нема причина да биде сменет.

Сешнс во сведочењето пред комитетот изјави дека се изземал од истрагата за наводните врски на кампањата на Трамп со Русија, бидејќи учествувал во таа кампања. Причината за изземањето е тоа што прописите на министерството за правда спречуваат таков судир на интереси.

Сешнс сведочеше пред комитетот само пет дена откако Џејмс Коми, кого претседателот Трамп на 9 мај го смени од позицијата директор на Федералното биро за истраги (FBI) токму по препорака на Сешнс и неговиот заменик Розенстејн, изјави дека Трамп го сменил за да ја поткопа истрагата за Русија.

Сенаторите се интересираа колкава била улогата на Сешнс во отказот на Коми. Овој одговори дека ја напишал препораката откако од него тоа го барал претседателот, но одби да одговори дали со претседателот разговарал за тоа како Кому ја води истрагата за наводната руска вмешаност. Истакна дека не може да зборува за приватни разговори со претседателот, за што и да станува збор.