Шест кандидати за ректор на УКИМ

Универзитетските професори Атанас Кочов, Ненад Новковски, Александар Димитров, Никола Јанкуловски, Коле Василевски и Елена Думова-Јовановска се кандидатите за нов ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, кој законски треба да се избере до 15 јули, објави Fakulteti.mk.

Атанас Кочов е редовен професор и актуелен декан на Машинскиот факултет. Дипломирал на Машински факултет на УКИМ, каде и магистрирал. Докторските студии ги завршил на Универзитетот Вашингтон, Сиетл, САД, како и на Машинскиот факултет во Скопје. Автор е на бројни научни и стручни трудови, како и учебници.

Ненад Новковски е редовен професор на Природно-математичкиот факултет на УКИМ на Институтот за физика. Дипломирал на Факултет за физика во 1980 година. Постдипломските студии по физика ги завршил на Електротехничкиот факултет во Белград. Докторската дисертација ја изработил во Лозана, Швајцарија, а ја одбранил на Институтот за физика на ПМФ. Автор е на бројни научни и стручни трудови, а беше и министер за образование и наука во Владата на Љубчо Георгиевски.

Елена Думова-Јовановска е редовен професор на Градежниот факултет на Катедрата по Теорија на конструкции. Таа беше и проректор за настава на УКИМ. Авторка е на многу научни трудови, публикации и книги.

Александар Димитров е редовен професор на Технолошко-металуршкиот факултет на Институтот за екстрактивна металургија, а беше и декан на овој факултет до минатата година. Во 1983 година дипломирал на Факултетот за металургија во Скопје, магистрирал и докторирал на Технолошко-металуршки факултет. Во 2002 година бил на последокторски студии на Университетот на Кембриџ. Автор е на многу научни трудови, како и на патент.

Никола Јанкуловски е актуелен декан на Медицинскиот факултет, каде што го предава предметот Хирургија. Тој е абдоминален хирург. Студиите ги завршил на Медицинскиот факултет во Скопје. Во декември 2002 година ја одбранил докторската дисертација. Од септември 2007 до април 2009 година бил директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија. Добитник е на наградата „Св. Климент Охридски“ од областа на здравството во 2013 година и наградата „11 Октомври“ во 2015 година.

Коле Василевски е актуелен проректор за финансии, инвестиции и развој на УКИМ. Професор е на Шумарскиот факултет во Скопје, каде што бил и продекан и декан. Тој беше и проректор за наука на УКИМ. Докторирал на Шумарскиот факултет во 1996 година и е автор на повеќе научни трудови.

Новиот ректор ќе го раководи најстариот и најголем универзитет во Македонија во наредните четири години. Тој ќе го наследи досегашниот ректор Велимир Стојковски кој имаше два мандата и на чело на УКИМ беше од 2008 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.