Шест милиони евра за обнова на инфраструктурата во поплавените подрачја

Три илјади и три домаќинства го имаат добиено авансот до 500 евра, а до крајот на месецот се очекува да го добијат и сите домаќинства што беа опфатени со поплавите. На седница на Влада е одлучено отштета да се исплати и на оштетените домаќинства во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Бутел, Чаир, а за Шуто Оризари дополнително ќе биде исплатена.

Ова го соопшти денеска Никола Тодоров, претседател на Координативното тело, кој го посети Стајковци, заедно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски,  градоначалниците на Град Скопје и на Гази Баба, Коце Трајановски и Тони Трајковски.

Откако ќе биде донесен ребалансот на Буџетот во Собранието на Република Македонија, се очекува и за два до три месеци да биде исплатена и 100 процентната штета, врз основа на претходно направената проценка на оштетувањата на оние кои беа зафатени од поплавите.

Инаку, во Стајковци веќе е нормализирана инфраструктурата, по поплавите на 6. август.

obnova-stajkovci2

Како што информираа надлежните, од 56 улици во Стајковци, три се веќе асфалтирани, 11 се подготвени за асфалтирање. Нагласија дека ќе бидат асфалтирани сите улици што и пред поплавите биле со асфалт, но и оние што претходно не биле.  Станува збор за 20 километри асфалт во сите населени места кои беа поплавени.

Вредноста на инвестицијата за обнова на инфраструктурата е шест милиони евра.  Ќе се работи на терен, нагласија надлежните за време на денешната посета на Стајковци, се додека дозволуваат временските услови.

Истовремено се работи и на водоводите и на фекалната канализација каде што е потребно, а ќе биде направена и атмосферска канализација.

Се очекува и за две до три недели да почне обновувањето на обиколницата која што беше оштетена за време на поплавите, за што инвестицијата е шест милиони евра.

Дополнително инвестирани се и 1,2 милиони евра за механизацијата која била ангажирана на терен за изнесување на шутот.