Шест од десет Грци поддржуваат сложено непреведено „ерга омнес“ име

Речиси шест од десет Грци се согласуваат со решение со сложено име за севкупна употреба, на македонски јазик без превод, проследено со промена на Уставот на Репубика МАкедонија за прашањата поврзани со наводен иредентизам, покажува истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата Palmos Analysis, за информативниот портал Tvxs.gr.

Попрецизно, 49 отсто од анкетираните одговориле дека „се согласуваат“, осум дека „веројатно се согласуваат“, 24 проценти „не се согласуваат“, а два отсто „веројатно не се согласуваат“.

Важно поместување на јавното мислење во врска со македонското прашање се забележува во истражувањето на Palmos Analysis за Tvxs.gr, бидејќи големо мнозинство граѓани поддржуваат заемно прифатливо решение за името, што ќе важи за сите и во секоја прогода (ткн erga omnes). Шест од десетмина велат дека треба да се прифати име што го вклучува терминот „Македонија”, пишува Пасхалис Александрос Темекенидис, директорот за истражување во агенцијата, коментирајќи ги резултатите од анкетата.

„Во прашањето за името на Поранешната југословенска Република Македонија, кое од следните сметате дека најдобро им служи на нашите национални интереси? е прашањето на кое 7 од 10 анкетирани (71 отсто) сметаат дека е потребно да се најде заемно прифатливо решение ‘ерга омнес’, а само 14 проценти одговориле дека треба да продолжи актуелната ситуација со двојна формула за името“, вели Темекенидис.

Позицијата да се најде ерга омнес име, прифатено и од двете земји, ја поддржуваат и гласачите на радикалната лева коалциија на власт СИРИЗА (80 отсто) и на опозиицската конзервативна партија Нова демократија (68 отсто), според она за кого гласале на последните избори во 2015 година, покажува истражувањето.

На прашањето, доколку се постигне компромисно решение со сложено име со вклучен термин „Македонија“, што треба да направи опозицијата, 41 отсто од анкетираните велат „да го отфрли решението“, 34 проценти одговориле дека сѐ ќе зависи од компромисното решение што ќе се постигне, додека, пак, 21 отсто бараат да го прифати, „бидејќи прашањето треба да се затвори“.

„Меѓу гласачите на Нова демократија, отфрлувањето го одбираат половина од нејзините гласачи (47 отсто), додека, пак, другата половина ја повикуваат партијата или да го прифати (18 отсто) или да го разгледа компромисното решение пред да одлучи (31 осто). Со комбинирање на горенаведените резултати, може да се претпостави дека гласачите на Нова демократија од една страна покажуваат дека одбираат компромис, под услови, во прашањето со името на ПЈРМ, но веројатно ја следат позицијата што беше формулирана дека е несоодветен временскиот период за постигнување некој договор“, пишува директорот за истражување во агенцијата.

Анкетата била спроведена во периодот од 12-ти до 15-ти април, а телефонски биле интервјуирани 1.009 испитанциа со право на глас.

Истражувањето е направено за информативниот портал Tvxs (ТВ без граници) што е во сопственост на новинарот и европратеник од редовите на СИРИЗА, Стелиос Кулоглу.