Шест загинати и пет тешко поврдени лица во сообраќајни несреќи во една ноќ

Трагична саботна ноќ за македонските патишта на истокот од земјата, со шест загинати и пет тешко повредени лица во три одделни сообраќајни несреќи.
Два часа по полноќ на магистралниот пат Штип – Кочани, кај село Чифлик, патничко возило „сеад кордоба“ управувано од 28-годишен кочанчанец се судри со автобус со 58 патници. Од силината на ударот животот го загуби возачот на автомобилот и двајца сопатници на возраст од 23 и 25 години.

Останатите двајца патници во возилото се здобиле со тешки телесни повреди. Деветнаесетгодишникот е пренесен на Ургентен центар во Скопје, а 23 годишникот во општата болница во Кочани. Од 2,30 часот сообраќајот е во прекин и се пренасочува по локалните патишта.

Речиси истовремено на влезот во Виница, на мостот на река Брегалница, 20-годишен виничанец кој управувал автомобил „пасат“ излетал од патот. Екипа на итната медицинска помош констатирала дека возачот им подлегнал на повредите на лице место.

Четири часа порано, на магистралниот пат А-3 на влезот на Делчево се случила сообраќајка во која учествувале четири возила. Возачот на „ауди А4“, 69-годишен делчевец се здобил со тешки телесни повреди на кои им подлегнал во возилото на Итната медицинска помош при транспорт до штипска клиничка.

Шеесет и едногодишната сопатничка во автомобилот „поло“ во коматозна состојба е пренесена во штипската болница, каде и таа им подлегнала на повредите. Со тешки телесни повреди во болницата се донесени и 39-годишниот возач и 31-годишната сопатничка во истото возило, како и 56-годишниот таксист кој, исто така, управувал автомобил „поло“. Сите се задржани на натамошно лекување.