Шестнаесет спортски објекти изградени во Штип за три години

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска го посети мултимедијалниот центар „Креатива“ и неколку спортски објекти во Штип каде што за три години се изградени 16 спортски објекти.

Вкупната инвестиција на центарот „Креатива“ е во вредност од 400 илјади евра од кои 148 илјади евра се од ИПА фондовите добиени преку гранична соработка со бугарската општина Гоце Делчев, а 250 илјади општински средства.

Во Мултимедијалниот центар, изграден на местото на старото летно кино во Штип, како што рече градоначалникот Илчо Захариев во разговорот со Груевски, ќе биде сместено 3Д киното, кластерот за креативна индустрија на источно планскиот регион, канцелариите на центарот за развој на источно планскиот регион, а има и конференциска сала, како и сала за културно уметнички настан.

Околу мултимедијалниот центар целиот простот е комплетно уреден, сите улици се завршени, паркот „Бриони“, фудбалско игралиште и мини зоолошка градина.

Градоначалникот Захариев го информира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека овој проект е прогласен за најуспешен  од вториот повик за ИПА проекти во соработка со Бугарија за што очекуваат да добијат и признание.

Во разговорот со Груевски, Захариев  информира дека во рамки на културните објекти што се градат во Штип во тек е тендерот за изградба на плоштадот „Макфест“, инвестиција од 120 илјади евра која општината ќе ја добие преку Владата односно Министерството за локална самоуправа. Појасни дека во паркот на „Макфест“ сите 31 победник од фестивалот ќе имаат своја ѕвезда.

Во рамки на градежната инфраструктурна експанзија во Штип изградена во населбата Сењак, во тек е изградба на двојно тениско игралиште кое според градоначалникот Захариев треба да биде готово до крајот на август оваа година. Оваа инвестиција е во вредност од 12 милиони денари.

груевски1

Изградбата на спортските објекти, како што беше нагласено во разговорот на  лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски и градоначалникот Захариев, е во рамки на сериозните инвестирања на Владата на спортските објекти во Штип за што досега преку Агенцијата за млади и спорт се инвестирани 1,5 милиони евра. Изградени се фудбалското игралиште „Никола Кљусев“, четири тениски терени, опремени со игралишта со вештачка трева, изградена е и салата „Јордан Мијалков“, како и  две повеќенаменски игралишта. Во моментот се градат и тениски терени и фитнес зона.

Груевски во разговорот му посочи на Захариев дека во рамки на сериозните инвестиции во спортот и спортските објекти покрај функционирањето  на фудбалската академија во Штип добро е да се разгледа  и можноста за изградба на тениска академија  и доколку постои интерес од младите, нагласи, да се отвори во овој град и тениска академија.

Градоначаникот Захариев меѓу другото го информира претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски  дека согласно големиот интерес на штипјани во тениските игралишта се планира и изградба на игралиште за одбојка на песок.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.