Сет од 32 мерки за поголема конкурентност на бизнис секторот

Олеснување на работењето на малите и средните претпријатија преку намалување на трошоците, поддршка за големите компании, поврзување на домашните фирми со странските инвеститори и формирање фонд за развој на вештини во насока на унапредување на продуктивноста на работната сила, се само дел од сетот мерки за поголема конкурентност на бизнис секторот што ги прифати Владата по предлог на Националниот совет за претприемништво и конкурентност (НСПК).

Како што изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски кој претседава со НСПК, Советот донесе вкупно 32 мерки поделени во девет области, но најбитно е, напомена, дека нивната реализација ќе биде заедничка, односно во неа, покрај државните институции, ќе бидат вклучени и компаниите, како и науката, пренесува МИА.

– Радува фактот што деловната заедница продолжува, веќе вторпат, да ги насочува своите предлози до Владата преку НСПК откако претходно беа координирани преку коморите и другите членки на Советот, рече Пешевски, нагласувајќи дека преку НСПК деловната заедница првпат ќе се вклучи во процесот на имплементација заедно со надлежните државни институции.

Сите предложени мерки од компаниите-членки на Советот, напомена Пешевски, беа прифатени и усвоени од Владата, а ќе се реализираат преку соработка со државните институции. Според  него, ова е еден од најзначајните процеси на дијалог меѓу Владата и бизнис секторот.

– Ваквиот начин на работа се покажа како многу успешен и ефикасен. Затоа продолжуваме преку дијалог со бизнис секторот, отвореност и соработка, заеднички да изнаоѓаме решенија за унапредување на работата на компаниите, но и заеднички да ги спроведуваме, истакна Пешевски.

НСПК предвидува поттикнување финансиски инструменти за пристап до капитал во рана фаза на развој на малите и средните претпријатија за унапредување на нивната ликвидност, изработување модел за гринфилд инвестиции од домашните компании со стимулативни мерки, доделување годишни награди за компаниите кои ќе примат најмногу работници,…

Посебен пакет мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост, како и за стратегиски инвестициски проекти, односно за подобрување на квалитетот на патната инфраструктура и железничкиот транспорт, додека во делот на образованието се планира формирање слободни економски зони за истражување и развој за домашни и странски компании, стимулативни мерки за изучување дефицитарни струки, како и поддршка на најдобрите студенти.

Претставниците на стопанските комори – членки на НСПК изразија задоволство што ќе бидат вклучени во реализација на 26 од вкупно усвоените 32 мерки за поголема конкурентност. Нивното спроведување ќе биде во точно утврдени рокови.

– Владата прифати над 90 отсто од програмата што ја доставивме. За подобрување на конкурентноста има многу алтернативи, но она што ќе го работиме е ставено во неколку корпуси: подобрување на јавно-приватниот дијалог, подобрување на ликвидноста на компаниите, развој на повеќе финансиски поддршки не само на малите и средните, туку и на големите фирми, нивно секторско поврзување и поддршка за настап на други пазари заеднички со повеќе институции не само од земјата, туку и од странство, нагласи извршниот директор на Стопанската комора на Македонија Јелисавета Георгиевска.

Одговорајќи на новинарски прашања, Георгиевска појасни дека во однос на финансиската поддршка не се мисли само на кредити. Стопанската комора, најави, наскоро ќе достави предлог до Владата за реорганизирање на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) во насока на поддршка и нудење поинакви услуги по примерот на хрватскиот модел – не само да биде посредник преку комерцијалните банки или да нуди директно кредитирање, туку да обезбеди и субвенционирање на извозот и други мерки кои моментно ги има, но за кои е потребна поголема промоција.