Сеул предлага нови преговори со Пјонгјанг

Јужна Кореја предложи нов круг воени преговори со Северна Кореја, објави министерството за одбрана во Сеул во понеделникот во обидот да се намали ескалацијата на тензиите на меѓусебната граница.

Преговорите би можеле да се одржат во селото Панмунџом, на севернокорејската страна од границата уште овој петок, наведува јужноорејското министерство за одбрана и додава дека нивната цел би можела да биде ставање крај на „сите акти на непријателство“ по должина на демаркациската линија којашто ги раздвојува двете земји.

Двете држави технички сѐ уште се во војна бидејќи судирот во 1958 година е завршен со договор за прекин на огнот а не со мировен договор. Но новиот јужнокорејски претседател Мун Јае-ин, кој на власт дојде овој мај, вети дека ќе ја вклучи Северна Кореја во дијалогот, како и дека ќе изврши притисок да се сопре нејзината нуклеарна програма.

Понудата следеше откако Северна Кореја објави дека го извела првото тестирање со интерконтинентален балистички проектил (ICBM) претходно во јули, и соопшти дека развила технологија за поставување на нуклеарна боева глава на проектил.

Доколку се одржи оваа средба, тоа ќе претставува први воени преговори меѓу двете земји по три години. Министерството во Сеул, кое не ја објави агендата за евентуалните преговори, соопшти дека сѐ уште го очекува одговорот од Пјонгјанг.

Последните месеци ескалираа тензиите на Корејскиот полуостров, по годината во којашто Северна Кореја изведе два нуклеарни теста и поголем број тестирања на балистички проектили и покрај острата меѓународна осуда и новиот круг санкции од Обединетите нации.

Последниот тест со интерконтинентален проектил кој беше лансиран на 4 јули ги потврди стравувањата дека Северна Кореја е чекор поблиску до можноста дека може да ја достигне територијата на САД. Русија и Кина, пак, тврдат дека Пјонгјанг сѐ уште е далеку од развивање на функционален интерконтинентален балистички проектил.

И покрај агресивноста во изјавите од Пјонгјанг и сѐ погласните воинствени тонови од Вашингтон, јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин ја истакна важноста од привлекувањето на Северна Кореја на преговори.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.