Сеуште неизвесна судбината на 1,3 милиони лица по Втората светска војна

Судбината на 1,3 милиони лица, кои без трага исчезнале за време на Втората светска војна, останува неизвесна 70 години по крајот на војната, соопшти германскиот Црвен крст, пренесе МИА.

Организацијата наведува дека секоја година добива по над 10.000 барања за пронаоѓање информации за овие луѓе.

– Истрагите за судбината на исчезнатите војници и цивили, како и на раселени лица од Втората светска војна, остануваат главна цел на службата при Црвениот крст за пронаоѓање на луѓе, изјави шефот на организацијата Рудолф Зајтерс, неколку дена пред одбележувањето на 70-годишнината од капитулацијата на нацистичка Германија на 8 мај 1945 година.

Дорота Џивоки, која го предводи контролниот центар на службата за пронаоѓање на лица, истакна дека се уште се прават анализи на податоците од руските архиви.

Според неа, повеќето од барањата се од пензионери, кои сакаат да знаат кога и каде загинале нивните роднини, како и каде се погребани.