Северна Кореја бара воена рамнотежа со САД

Северна Кореја во саботата соопшти дека сака да постигне „рамнотежа“ со воените сили на САД, кои претходно навестија дека нивната трпеливост во барањето дипломатски решенија полека исчезнува, откако Пјонгјанг истрела ракета над Јапонија, вторпат за помалку од еден месец.

„Нашата конечна цел е да се воспостави рамнотежа на вистинските сили со САД и да се принудат американските владетели да не ја споменуваат воената опција“, изјавил северкокорејскиот водач Ким Џонг-ун, цитиран од службената новинска агенција KCNA.

Откако на власт дојде младиот челник Северна Кореја изведе десетици лансирања на балистички проектили и истовремено ја забрзува програмата за вооружување чијашто цел е Северна Кореја да биде способна да погоди цели на континенталниот дел на САД со моќните ракети со нуклеарна боева глава.

Советот за безбедност при ОН во петокот го осуди „многу провокативното“ лансирање на севернокорејсктата ракета. „Советот за безбедност истакна дека таквите акции претставуваат закана за регионот, но и за сите земји членки на ОН“, се наведува во соопштението. Советот веќе ги заостри санкциите против Северна Кореја како одговор на нуклеарното тестирање до 3-ти септември и забрани извоз на севернокорејски текстил и го ограничи увозот на сирова нафта.

По најновото лансирање на ракетата во петокот, советникот на Белата куќа за национална безбедност Х.Р. Мекмастер изјави дека САД брзо го губат трпението со севернокорејските ракетни и нуклеарни програми. „Го туркавме каменчето по патот и сега дојдовме до крајот на патот“, фигуративно се изрази Мекмастер пред новинарите алудирајќи на последователните ракетни тестирања на Пјонгјанг и покрај меѓународните притисоци.

„За оние коишто тврдат дека не постои воена опција, воената опција постои“, изјави Мекмастер додавајќи дека таа нема да биде првата опција на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли ја повтори цврстата реторика на Мекмастер, иако рече дека во решавањето на кризата САД предност им даваат на дипломатските средства и на санкциите. „Гледаме дека и натаму провоцираат, дека и натаму се невнимателни и дека Советот за безбедност во овој момент нема да може многу да постигне, кога трговијата ќе се намали за 90 отсто, а нафтата за 30 отсто“, рече Хејли.

Американскиот претседател Трамо изјави дека е „уверен повеќе од кога и да е дека нашите опции во решавањето на оваа закана се и ефикасни и повеќе од доволни“. Во воената база „Ендрјуз“ близу Вашингтон изјави дека „Северна Кореја повторно го покажа својот презир кон соседите и кон целиот свет“.

Кинескиот амбасадор во Вашингтон, Чуи Тианаки ги повика САД да се воздржат за заканата од Северна Кореја. На новинарите во амбасадата им рекол „Искрено мислам дека САД би морале да работата многу повеќе отколку сега за да постои вистинска ефикасна меѓународната соработка по ова прашање“.

„Мора да се воздржат од новите закани“ изјави кинескиот амбасадор додавајќи „Би морале да сторат повеќе за да пронајдат успешен начин за обновување на дијалогот и преговорите“.