Северна Кореја ги објави целите доколку биде нападната од САД

Доколку се случи агресија од страна на Вашингтон, Северна Кореја ќе ги нападне американските воен бази и резиденцијата на јужнокорејскиот претседател во Сеул, се наведува во соопштението од петокот на генералштабот на Корејската народна армија.

„Сите политички, економски и воени провокациски обиди ќе бидат решително уништени со моќниот одговор од страна на нашата армија и народот“, се вели во соопштението на командата на севернокорејската армија што го цитира службената Централна телеграфска агенција на Кореја (KCNA).

Според претставникот на генералштабот, одговорот на Северна Кореја вклучува и опции за превентивни удари на копно, море и од воздух.

Како потенцијални цели на севернокорејски напад се наведуваат американските воени бази во Осан, Кунсан и Пјеонгтаек, како и претседателската резиденција „Чеонвадае“, за која Северна Кореја се заканува дека „ќе ја претвори во пепел за минута“. Претставникот на армискиот врв истакнал дека не треба да се заборава оти севернокорејските проектили се насочени и кон американските бази во Јапонија, како и на територијата на самите Соединети држави.

Покрај тоа Генералштабот соопшти дека армијата е подготвена за напад и врз предводникот на американската групација носачи на авиони, носачот на нуклеарен погон „Карл Вилсон“ чиј курс минатата недела беше пренасочен кон Корејскиот полуостров.

Ова соопштение следи откако американските медиуми претходно објавија дека САД може да преземе превентивен удар врз Северна Кореја, за да ја откаже од изведувањето на уште еден нуклеарен тест. Во извештаите се истакнува и дека САД веќе ги довеле поблиску до брегот на Северна Кореја двата разурнувачи кои се вооружени со крстосувачките ракети „Томахавк“ и се наоѓаат на само 300 наутички милји од локацијата на потенцијалните севернокорејски нуклеарни тестови.

Наводите дека Северна Кореја се подготвува за шестата нуклеарна проба се базираат на тоа што кон крајот на оваа седмица се навршуваат 105 години од раѓањето на втемелувачот на комунистичката држава на северот од Корејскиот полуостров, Ким Ил Сунг, дедото на сегашниот млад челник Ким Џонг-ил, а вообичаено е Пјонгјанг ваквите значајни историски датуми да ги одбележува со демонстрирање воена моќ, како нуклеарен тест или лансирање интерконтинентални балистички ракети.