Северна Кореја го слави успешното лансирање на ракетата

Северна Кореја го прослави во петокот најновото лансирање на интерконтиненталната ракета со огномет и кореографија на јавните плоштади, известуваат во саботата официјалните севернокорејски медиуми.

Дневниот весник на Работничката партија Rodong Sinmun на насловната страница објавува фотографии од плоштадот на Кин Ил-Сунг во Пјонгјанг украсен со портрети на поранешните државни челници и преполн со војници и граѓани кои танцуваат.

„Го славиме успешното лансирање на Хвасонг-15 коешто ја покажа силата и моќта на Северна Кореја пред остатокот од светот“, се цитира еден од транспарентите коишто ги носела толпата.

Северна Кореја објави во средата дека ја остварила својата цел: да стане нуклеарна сила, откако успешно ја тестираше новата интерконтинентална ракета којашто го става „целиот американски континент“ на нејзин дофат.

По ова лансирање САД ги повика сите земји, особено Кина и Русија, целосно да ги прекинат дипломатските и трговските односи со Северна Кореја. Москва веќе го отфрли овој предлог како чекор кој нема да придонесе за смирување на тензиите на Корејскиот полуостров, и истовремено го обвини Вашингтон дека со своите политики сака да го испровоцира севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун на непредвидливи потези.