Северна Кореја ќе лансира сателит во Вселената

Северна Кореја во текот на овој месец планира да лансира сателит во Вселената, јави јужнокорејската агенција Јонхап, додавајќи дека за ваквите намери на Пјонгјанг, Јужна Кореја ја информирала Меѓународната поморска организација, пишува МИА.

Најавата за лансирање на севернокорејскиот вселенски сателит доаѓа еден месец по контроверзната нуклеарна проба на Северна Кореја, за која властите во Пјонгјанг тврдат дека било тест на хидрогенска бомба, иако западните експерти изразија скептичност кон ваквите тврдења.

Според нив, експлозијата, што се случи на 6 јануари, најверојатно е од конвенционална атомска бомба, бидејќи хидрогенските бомби имаат многу поголема експлозивна моќ.

Како што јави ДПА, Северна Кореја уште во 2012 година лансираше ракета во Вселената, за која тврдеше дека однела сателит во земјината орбита.

Меѓутоа, САД тогаш го обвинија Пјонгјанг дека не лансирал сателит, туку вршел тестирање на интерконтинентална балистичка ракета која би можела да носи и нуклеарна боева глава.