Северна Кореја новите американски санкции ќе ги смета за „воен акт“ и вети одговор

Северна Кореја го осуди во неделата новиот пакет американски санкции порачувајќи дека ќе ги смета за „воен акт“ и ги обвини САД дека се обидуваат да го намалат успехот кој двете Кореи го остварија во текот на одржувањето на Зимските олимписки игри во јужнокорејскиот Пјреонгачнг.

„Двете Кореи успешно соработуваа и Олимписките игри успешно се одржани. Но САД носат закана со војна на Корејскиот полуостров со новите санкции со голем обем во пресрет на затворањето на Олимписките игри. Како што повеќепати повторивме, сметаме дека ограничувањето против нас се чин на војна“, соопшти севернокорејското министерство за надворешни работи кое го цитира службената новинска агенција KCNA.

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот објави дека САД го воведуваат „досега најголемиот“ пакет санкции против Северна Кореја за да ја принуди оваа земја да се откаже од развојот на нуклеарно оружје и од нејзината ракетна програма.

Тие мерки се насочени кон 50 компании за поморски превоз, коишто, според тврдењето на американската влада, ѝ помагаат на Северна Кореја да ги заобиколи ограничувањата коишто претходно ги изгласа Советот за безбедност при Обединетите нации.

На прес-конференцијата со австралискиот премиер Маклолм Тарнбал во петокот, Трамп повика на заедништво „за да се спречи таа брутална диктатура (Северна Кореја) на светот да му се заканува со нуклеарно разорување“. Трамп истакна дека доколку санкциите нема да бидат ефикасни, САД ќе минат на „фазата број 2“ и се закани дека „тоа би можело да биде грубо“.

Во неделата севернокорејското министерство за надворешни работи вети дека на САД ќе им одговори „на свој начин“ доколку провоцираат.

„Трамп се обидува да нѐ промени со тие санкции и со своите непријателски зборови, што покажува дека не нѐ познава. Ние веќе имаме сопствено нуклеарно оружје, драгоцен правосуден меч за заштита од таквата форма на закана од САД“, порача севернокорејската дипломатија.

Пјонгјанг соопштението го објави неколку часа пред затворањето на игрит на свеченоста на којашто присуствуваше постарата ќерка на американскиот претседател Иванка Трамп, како и официјална севернокорејска делегација предводена од генералот Ким Јонг Чол. И двете земји објавија дека не е предвидена никаква официјална средна на нивните делегации.