Северна Кореја обвини за лажирање на резултатите за беспилотните летала во Јужна Кореја

Северна Кореја ги обвини САД и Јужна Кореја за лажирање на резултатите од истрагата во која е заклучено дека Пјонгјанг во март пратил беспилотни летала да ги шпионираат јужнокорејските инсталации.

Неименуваниот портпарол на севернокорејската војска го критикуваше САД за слепото поддржување на заверите кои ги смислува Владата на јужнокорејскиот претседател.

„Доколку Вашингтон обрнува внимание само на она што нивните марионети зборуваат, тогаш мораме да ги обвиниме дека се сенилни дедовци кои пробуваат да умрат како расплакано дете”, пренесува севернокорејската агенција КЦНА.

Портпаролот на јужнокорејското Министерство за одбрана изјави дека севернокорејското соопштение е за жалење.

„Северна Кореја не е вистинска држава. Нема почитување на човековите права и слободи. Државата постои само за да поддржува една личност”, рече јужнокорејскиот портпарол.
Севернокорејското соопштение е последно во низата неодамнешни вербални навреди кон американскиот и јужнокорејскиот претседатели.

Американските и јужнокорејските власти заедно ги испитаа трите беспилотни летала на три различни локации недалеку од корејската граница. Во април, Северна Кореја и предложи на Јужна Кореја да спроведат заедничка истрага за леталата, но Јужна Кореја ја одби понудата.