Севернокорејскиот челник нареди армијата да биде подготвена за напад во секој момент

Севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун ѝ наредил на армијата да биде подготвена да изведе напад во секое време, доколку тој донесе таква одлука, пренесува агенцијата Reuters повикувајќи се на севернокорејските медиуми.

Младиот челник на една од најизолираните земји во светот, исто така, рекол дека САД мора да го направат „вистинскиот избор“, за да го избегнат опасниот воен конфликт, пренесува службената севернокорејска новинска агенција KCNA.

kimco

Покрај тоа, се истакнува дека Ким Џонг-ун е запознаен со плановите на севернокорејската армија да лансира ракета во правец на американската пацифичка територија Гуам. Минатата седмица беше објавено дека воената команда на Северна Кореја разработува план за лансирање на ракети кон Гуам, кој до средината на август ќе му биде претставен на водачот Ким кој ќе донесе конечна одлука за натамошните планови.

Според најавите, лансирањето би требало да биде изведено со четири балистички ракети со среден дострел кои би ја прелетале Јапонија и би паднале во морето крај Гуам, во западниот дел од Тихиот Океан. Оваа американска територија има 160.000 жители а на неа се стационирани воздухопловна и военопоморска бази на американските сили.

„САД… мора да донесат правилана одлука и да покажат со дела дека тие сакаат да ги намалат тензиите на Корејскиот полуостров и да го спречат опасниот воен конфликт“, ја пренесува Reuters изјавата на Ким Џонг-ун кого го цитираат севернокорејските медиуми.