Севиља испиша историја

Фудбалерите на Севиља ја одбранија титулата во Лигата на Европа на УЕФА, откако синоќа во финалето одиграно во Варшава го победија Дњипро со 3:2.

Никола Калиниќ во 7-та минута му донесе водство на украинскиот тим. Следуваа два погодока за шпанскиот претставник. Грегорж Криховјак изедначи во 28-та минута, а Севиља три минути подоцна дојде и во водство преку Карлос Бака. Руслан Ротан во 44-та минута изедначи на 2:2, резултат со кој се отиде на пауза. Во второто полувреме единствениот гол беше дело на Бака во 73-та минута, момент кој се покажа решавачки за освојување на трофејот.

Покрај тоа што го одбрани трофејот, Севиља исто така стана првата екипа која четири пати победувала во второто по квалитет клупско европско првенство.

По овој триумф Севиља обезбеди директно учество во Лигата на шампионите следната сезона.