СКАНДАЛОЗНО: Шацимаркакис ќе бара ЕУ да и го укине кандидатскиот статус на Македонија

Поништување на апликацијата на Македонија за членство во Европската Унија ќе бара европратеникот и ко-претседавач со мешовитиот парламентарен комитет Македонија-ЕУ, Јоргос Шацимаркакис.
Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, германскиот европратеник со грчко потекло, кој што важи за близок до про-опозициските структури во Македонија, својата намера ја откри преку грчките медиуми.
Контроверзниот Шацимаркакис, кој што за себе вели дека повеќе се чувствува како Грк отколку како Германец, информира дека барањето за укинување на кандидатурата ќе го упател до претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, но засега нема информации за “аргументите” врз основа на кои што ќе го темели барањето.
 Оваа вест и не е големо изненадување ако се земе предвид дека ова не е прв пат Шацимаркакис со нечесни методи да се обидува да издејствува Македонија да добие негативен извештај од Европската Комисија, без препорака за одредување датум за старт на преговорите со ЕУ.  Не е новост ниту  тоа дека за остварување на оваа подмолна агенда, тој има поддршка од (про)опозициските структури во Македонија.
Помогнати и поддржани од група про-опозициски новинари, а особено од поранешните новинари од  А1 телевизија, Шацимаркакис и неговиот колега Јелко Кацин не така одамна ја организираа и  скандалозната панел дискусија во Брисел посветена на состојбите во новинарството во Македонија, при што улогата на Борјан Јовановски, Биљана Секуловска, Слободанка Јовановска и Цаца Николовска беше да ја оцрнуваат Македонија во контекст на слободата на медиумите, со цел земјата да добие негативен извештај од Европската комисија. Квалитетот на настанот, на главните учесници и на нивните мотиви беше дополнително потврден со насилничкото и вулгарно однесување на европратеникот кон македонските новинари Мирка Велиновска, Миленко Неделковски и Бобан Нонковиќ на кои што им беше забрането да се обратат на панел дискусијата.
И Јелко Кацин и е добро познат на македонската јавност, особено по блиските односи што ги негува со најголемата опозициската партија во Македонија, а нивното пријателство беше крунисано и со присуството на Кацин на предизборните митинзи на СДСМ во рамки на минатите избори.
Досегашното искуство покажа дека здружените напори на Шацимаркакис, Кацин и нивните помагачи од новинарско-политичките кругови во Македонија за лажно прикажување на реалноста во земјата не вродуваат со плод, со оглед на тоа што Европската комисија веќе петта година по ред потврдува дека ги исполнуваме сите критериуми за старт на преговорите со Унијата.