Шаќири го напушта Баерн, најблиску до негов потпис е Ливерпул

Голем број европски фудбалски гиганти се заинтересирани за услугите на Џердан Шаќири, а најверојатно зимава на некој од овие клубови ќе му се насмевне среќата.

Баерн Минхен ја одреди цената за своето брзоного крило, која изнесува нешто над 12 милиони евра.

Иако се работи за одличен фудбалер, што го докажа во повеќе наврати изминативе две сезони, сепак никако не успева да се наметне како прва опција во тимот, што е разбирливо ако се земе во предвид дека тука се и Рибери, Робен, Милер, Геце итн.

Летово најсериозен кандидат за потписот на Швајцарецот беше тимот на Ливерпул, но сепак Шаќири се реши да остане во Баерн и уште еднаш да проба да се избори за место во првиот тим.

Како и да е, и сезонава Гвардиола преферира други фудбалери по крилните позиции, а Шаќири добива само парцијална улога, па за очекување е дека уште во текот на зимскиот преоден рок тој ќе си замине од “Алијанц Арена”.

Речиси сигурно е дека Брендан Роџерс ќе направи нов обид за негово доведување на “Енфилд Роуд”, особено што Ливерпул игра многу лошо сезонава, па фудбалер од калибарот на Шаќири и тоа како ќе биде добредојден.