Спорт

Шампионите на Македонија

Шампионите на Македонија

Да се биде најдобар во Европа! Да се биде дел од гигант како Барселона! Знаете ли што е тоа!? Секоја чест за Лазаров, но и за сите негови претходници, кои ја прославија нашата мала земја низ светот.

Оваа наша Македонија треба да е горда. Горда затоа што има големини, има лица со лавовски срца што успеваат, се борат и достигнуваат резултати со кои нашава земја пишува спортска историја. Оваа држава, оние што ја водат истата и сите субјекти треба да знаат дека нема поевтин начин за промоција, нема подобра реклама од успехот, победата и пиедесталот. Ние можеби сме мала земја, мала во однос на останатите, но и ние иако такви мали имаме свои херои. Ги имаме, но сè уште не сме свесни за нивните дострели. Нашето лакомо око, нашата нереалност, себичност и синдром на самоуништување е причината поради која страдаме и ќе страдаме.

Ете го Кире Лазаров на врвот на Европа. Постигнати 106 гола во Лигата на шампионите, дресот 77 на Барселона и пехарот за кој мечтаеше, за кој сонуваше и кој го зема во своите раце на 35 години. Браво Лазаров! Тој е првиот Македонец кој е на престолот на врвот од клубскиот ракомет. Тоа тој го заслужи, го заслужи затоа што секогаш беше на дофат, но често губеше, немаше среќа и само ги гледаше шампионите. Жнееше други титули на клубско ниво со екипите во кои настапуваше, но, ете, сега е моментот. Сега се неговите мигови на слава и моменти кога ние како Македонци се радуваме. Барселона е прва во Европа, нашиот Кире можеби беше повреден на финалето, но неговите 106 гола се најмногубројни од сите во дресот на клубот од Шпанија.

Нашиот капитен, нашиот Лазаров ја исполни мисијата што треба да биде мотив за помладите. Мотив за сите спортисти. Не е лесно, треба многу пот, работа и страдања за да се дојде на тронот и да се биде најдобар. Еден човек од Македонија, од Свети Николе е член на Барса и со неа најдобар во Европа. Деца гледајте, радувајте се и учете. Учете од шампионите, а не од оние фејсбук-спортисти, тренери и играчи. Од нив немојте и немој да бидете како нив. Почитувајте ги оние кои во годините што следуваат ќе бидат дел од оваа наша историја. Да, да… ИСТОРИЈА! Како што ние учевме за Александар Македонски, за Гоце Делчев, за АСНОМ и за останатите херои. Вие и вашите поколенија треба да знаат дека новите херои се Кире Лазаров, Перо Антиќ и Горан Пандев. Тие тргнаа од оваа наша мала Македонија во големиот свет и успеаја во мисијата. Гордо покрај своите успеси сите тројца го виореа нашето МАКЕДОНСКО знаме и без да се срамат, јасно му кажаа на светот кои се и од каде доаѓаат. Ех да се биде на врвот, да се биде во елитата со великаните. Е тоа е успех и истиот ниту 1 отсто не е случајност. Кај шампионите ништо не е случајно. Мора да си класа, квалитет и подобар од останатите за да се биде дел од Барселона, Олимпијакос или од Интер.

Во последните 23 години од осамостојувањето токму ликовите како овие тројцата наши мускетари се нешто најдобро што ни се има случено на спортски план кога станува збор за успесите. Секоја чест на хероите од минатото како Дарко Панчев, Илија Најдовски и Пеце Наумовски. И тие се историја што е подеднакво иста како и оваа сегашнава и актуелна. Треба да сме горди што го имаме овие тројца великани. Лазаров сега е на тронот, Антиќ е дел од НБА и таму со Атланта бележеше историски резултати, а Пандев, исто така ги жнее титулите. Какви-такви сите се со тежина и се бројат со тоа што денеска се 11, а утре може да бидат и 12. Бројки се тоа, бројки што се неповторливи, тешки за достигнување, но и репер за младите категории, кои треба да соберат мотив за во иднина тие да бидат нашите нови херои. Секоја чест момци затоа што ова што го направивте е преголема работа за Македонија. Има и такви што ве критикуваат, ве „плукаат“, но таквите живеат во свој нереален свет и не се свесни колку е тешко да се излезе преку Табановце или Богородица, а не пак да се биде некој и нешто.

Извор: Македонски спорт