ФОТО: Првиот број на „Шарли Ебдо“, по нападот, повторно со карикатура на Мухамед

На насловната страница на првото издание на францускиот сатиричен неделник „Шарли ебдо“, по исламистичкиот напад врз редакцијата, ќе биде објавена карикатура на пророкот Мухамед кој плаче, држејќи натпис „Јас сум Шарли“ и под кој пишува „Се е простено!“, објавува весникот „Либерасион“, пренесува Нетпрес.

Насловната страница на новиот број од весникот, на кој работат преживеаните членови на редакцијата, им е доставен на медиумите пред утрешното објавување. Новинарите од стаиричниот неделник ја завршиле работата за својот нов број веднаш по терористичкиот напад во кој беа убиени 12 лица, пишува „Либерасион“.

Три милиони примероци од „изданието на преживеаните“ се веќе испечатени и ќе бидат достапни во 25 земји на 16 јазици.

charlii_2

Првиот дел од тиражот, околу 1 милион примероци, ќе бидат готови во среда и четврток, соопштил дистрибутерот Ем-Ел-Пе, кој доополнил дека добил лавина од нарачки од Франција и од странство, објави „Франс Прес“. Според него, дополнителни два милиони примероци од весникот можно е да бидат отпечатени во зависност од побарувачката.

Дистрибутерот на неделникот објави дека нарачките од странство, каде „Шарли Ебдо“ вообичаено има само 4.000 клиенти, сега се околу 300.000.

Сатиричниот неделник, вообичаено, излегува во 60.000 тираж, а се продаваат околу 30.000 копии, пишува „Ројтерс“.

Новиот број, пак, на „Шарли Ебдо“, кој е познат по своите сатирични напади кон исламот и кон другите религии, ќе има карикатури на Мухамед, на други религии, но и на политичари, изјавил Ришар Малка, адвокат на весникот.

– Нема да отстапиме од ништо. Инаку, се би било бесмислено. Се исмеваме самите себе, политичарите, религиите…тоа е состојба на духот. Инаку, човек нема право да критикува еден Евреин, зошто е Евреин, еден муслиман зошто е муслиман, еден христијанин, зошто е христијанин, рекол Малка.

Нападот врз редакцијата на „Шарли ебдо“, во кој на 7 јануари беа убиени 12 луѓе, предизвика остри осуди ширум светот, но повторното објавување на карикатури на Мухамед би можело да ги разлути екстремните муслимани, кои веруваат дека е забрането цртање на нивниот пророк на било кој начин.