Шчербах: За промена на Владата во рамките на демократските постапки постојат избори

Руската Федерација се залага за одржување на стабилноста на Република Македонија, за нејзин успешен економски развој. Не се мешаме во внатрешните работи, но тргнувајќи од позициите на меѓународното право сметаме дека би било корисно да истакнеме дека владите кои се избрани за време на избори мора да добиваат поддршка од меѓународната заедница, порача рускиот амбасадор во Македонија Олег Шчербак, пренесе МИА.

– И покрај тоа дали некоја Влада на некој му се допаѓа или не, треба да се почитува, бидејќи претставува избор на македонскиот народ. Почитување на резултатите на изборите претставува најглавен принцип на демократијата. Резултатите на изборите беа признаени од страна на многу меѓународни набљудувачи, од страна на набљудувачи на Совет на Европа, ОБСЕ и други меѓународни организации, изјави Шчербак.

За промена на Владата во рамките на демократските постапки, нагласи, постојат избори.

– Постои систем кој е предвиден со Устав на одредена земја. Нашата поддршка за Република Македонија се базира врз основа на принципите на демократија и таа поддршка е отворена. Од свое искуство знаеме дека дестабилизацијата е патот кон ништо и поради тоа нам ни е важна судбината на Република Македонија, потенцира Шчербак.

Тој посочи дека Македонија како развиена држава ги има сите инструменти и капацитети да сфати од која страна и доаѓа заканата, а најбитно е, додаде, да ги утврди патишта за решавање на тој проблем.

– Русија како пријател на Македонија е загрижена поради обидите за дестабилизација земјата затоа што дестабилизацијата на Република Македонија не им одоговара на интересите на нејзините граѓани, ниту, пак, на  интересите на регионот и на целиот свет, потенцира рускиот амбасадор.

Тој не се согласува со изјавата на американскиот државен секретар Џон Кери дека Македонија се наоѓа на линија на огнот меѓу Истокот и Западот, односно на линија на огнот меѓу Русија и САД.

– Ние потполно ја демантираме ваквата конфронтациска логика. Ние тргнуваме од логиката за развој на соработката, на заемно корисните односи кои мора да се реализираат врз основа на еднаквоста. Исто како и во изминатите 20 години, или 18 или 16 години, Русија и сега се залага за унапредување на билатералните односи во Репубика Македонија и во трговско-економската, и во културна и во политичка област, рече Шчербак.

Потенцира дека идеите на радикален национализам и фашизам се многу опасни и затоа, посочи, заедно мораме да се бориме против обновување на фашизмот во многу земји меѓудругото и во Европа и во Украина.

– Тоа што во Македонија и во другите земји се обидуваат да се реализираат различни сценарија на т.н. портокалови револуции е јасно. Како објективен набљудувач на ситуациите не можеме да не забележиме дека тука се користат истите сценарија што беа искористени и во Грузија, Киргистан, Украина и во Египет. Ваквите сценарија е многу тешко да се реализираат само од внатре. Обично се реализираат со помош од надвор. Длабоко сум убеден дека македонскиот народ, кој има толку стара историја и кој во својата повеќевековна историја преживеаја толку многу страдања, нема да подлегне на ваквите сценарија, рече Шчербак.

Нагласи дека ниедна од т.н. обоени револуции не доведе до подобрување на социјално-економската положба на населението во земјите каде беше реализирана.

– Таа револуција доведуваше до дестабилизирање на земјите и до хаос. Кога се случува дестабилизација тоа секогаш многу негативно влијание врз економската ситуација во земјата. Сите знаат дека инвеститори не вложуваат пари во нестабилни земји, потенцира рускиот амбасадор во Македонија.

фото: МИА