Шеферовиќ побрз од судијата

Со многу среќа и со погодок во судиското продолжение репрезентативците на Швајцарија забележаа минимална победа од 2:1, во премиерниот натпревар од групата „Е”, дуелот против одличниот тим на Еквадор.

Претставникот на Јужна Америка прв дојде до посакуваното водство со погодокот на брзоногиот напаѓач, Едер Валенсија, но на стартот од второто полувреме израмнувачки погодок постигна Адмир Мехмеди.

Пред да биде слушнат последниот судиски свиреж, ефектен погодок постигна резервниот напаѓач, Харис Шеферовиќ.

„Имав чуство дека ќе експлодирам на крајот од натпреварот, во моментот кога го постигнавме водечкиот погодок. Многу е важно да имаше добар, победнички старт на еден толку важен турнир. Имавме минимална негатива на крајот од првото полувреме, а за време на паузата им кажав на моите фудбалери дека можеме во секој момент да постигнеме погодок”, изјави по натпреварот селекторот на Швајцарија, Отмар Хицфилд.