Шефовите на македонската и руската дипломатија си разменија писма

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, размени писма со неговиот руски колега, Сергеј Лавров, во контекст на одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Русија.

„Ценам дека 31 јануари 1994 година е датум кој е трајно врежан во историјата на односите меѓу двете држави, бидејќи на тој ден, во еден исклучително сложен период низ кои минуваше нашата земја, Русија безрезервно ја поддржа независноста на Република Македонија, и тоа под нејзинотот уставно име”, посочува Попоски во дел од писмото.

„Од првите денови на постоење на самостојна и независна Македонија, меѓу нашите две земји се одвива динамичен политички дијалог во функција на континуирано унапредување на сестраната руско-македонска соработка. Русија и Македонија ги врзува сличноста на ставовите во однос на клучните прашања на глобалната, европската и регионалната агенда кои се базираат на темелните принципи на меѓународнoто право”, истакнува Лавров во писмото адресирано до својот колега Министерот Попоски.

Попоски во писмото адресирано до Лавров додава: Пријателските односи постојано треба да се надополнуваат и надградуваат и токму затоа поаѓајќи од политиката на двете Влади за отвореност, уверен сум дека македонско-руските односи ќе се движат само по нагорна линија, со градење на политика на отворени граници и развивање на меѓусебна поврзаност.