Шекеринска со закани и притисоци до медиумите

Заменик-претседателот на СДСМ, Радмила Шекеринска со закани и притисоци до медиумите по објавувањето и реактуелизирањето на нејзината позната изјава од 2006 година дека продажбата на ЕСМ е „бонбона бизнис“, објави Курир.

Порталот ишува дека Радмила Шекеринска лично им се јавувала на уредниците и новинарите и вршела притисок да не се објавува оваа нејзина изјава. Потпретседателката на СДСМ тоа го правела кај уредништвата на најголемите медиуми во државава, меѓу кои националниот сервис, Канал 5, Сител  и други медиуми.

Откако на Шекеринска и било објаснето дека се работи за слобода на медиумиот да го пренесе јавно искажаниот збор, таа се заканувала со тужба врз медиумите и на тој начин директно влијаејќи врз слободата на работата на медиумот. Кон редакцијата на КУРИР беа испратени повеќе соопштенија од централата на СДСМ дека ќе бидеме тужени поради објавување на оваа нејзина изјава.

Алибито на Шекеринска било дека нејзината изјава не се однесувала на продажбата на ЕСМ, туку на ОКТА, иако цела таа емисија од каде е употребена изјавата се однесува на единствената тема „за“ или „против“ продажбата на ЕСМ.

Шекеринска истовремено не понуди никаков доказ со кој ќе ја разубеди јавноста дека станува збор за изјава која не се однесува на ЕСМ, туку на ОКТА. После ова, се поставува прашањето зошто Шекеринска сака да забрани да се емитуваа оваа нејзина изјава? „Бонбона бизнисот“ за кој говореше Шекеринска се однесува за продажбата на ЕСМ кој го направи Владата на СДСМ.

Оваа продажба стана актуелна откако речиси стотина илјада семејства останаа без струја повеќе денови. За многумина тоа беше типичен пример на искористување на монополската позиција на голема компанија која се води од бизнис интереси.

Атанаско Тунески, кој во моментов е претседател на партиската комисија на СДСМ, пред неколку години јавно ја предупреди Шекеринска за опасноста од продажбата на ЕСМ која се случи во 2006-та година, непосредно пред изборите, цех кој граѓаните скапо го платија.

Тунески тогаш рече дека ЕСМ не треба да се продава бидејќи компанијата која ќе го купи нема да води сметка за пооддалечените места бидејќи ќе нема економски интерес за одржување на електроснабдувачката мрежа и може да се случи многу лесно одредени села и населени места да бидат без струја при одредени временски неприлики бидејќи компанијата ќе нема економска сметка да врши навремена поправка.

Од друга страна, ваквиот типичен недемократски чекор на Шекеринска покажува за ниското ниво на демократија и површноста со која СДСМ се служи кога зборува за бранење на слободата на медиумите. Вториот човек на најголемата опозициска партија едноставно сака да се забрани да се зборува во државата за нејзиниот „бонбона бизнис“.