Македонија

Шекуларац ќе ја тужи Македонија за Фаланга 2

Шекуларац ќе ја тужи Македонија за Фаланга 2

Второобвинетиот во судскиот процес Фаланга 2, Давид Шекуларац, за   Радио Слободна Европа изјавил  дека ќе ја тужи Македонија пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, поради одлежаните два месеци во германски притвор. Тој ќе бара оштета од половина милион евра.

„Јас тргнав на пат и така ме уапсија горе и кога помина сè низ обвинението видоа дека тоа не личи на ништо, дека тоа е смешно, ме ослободија и ме молеа да не ја тужам Република Германија поради тоа. Но, јас ќе ја тужам Република Македонија и тоа богами жестоко“, вели Шекуларац за Радио Слободна Европа.
Шекуларац беше уапсен во Германија на 11 јануари, а од притвор беше пуштен на 6 март, откако германскиот суд го одби барањето за екстрадиција од македонскиот суд.  Јјавното обвинителство од Франкфурт побарало од македонското министерство за правда да испрати дообјаснување на обвинението за учеството на Шекуларац во Фаланга 2.

Според него случајот Фаланга 2 е монтиран, а причината зошто против него се води постапка е одмазда поради неколкугодишниот судски спор што го води против,  „многу влијателен бизнисмен“ во Македонија кој му должи милиони евра.

Шекуларац е клучен осомничен во процесот Фаланга 2. Обвинителството го посочи како купувач на археолошки предмети, додека, пак, првообвинетиот Илчо Бојчевски кој се товари за продажба на артефакти во својата одбрана тврдеше дека Шекуларац бил соработник на МВР кој работел на откривање на криминалната група која се занимавала со продажба на артефакти во првата Фаланга.