Шешељ боледува од канцер на црниот дроб

Српскиот лекарски тим, кој го прегледуваше Воислав Шешељ во Хаг, денеска треба да се врати во Белград и да го презентира извештајот за неговата здравствена состојба.

Ова го изјавил престедателот на српскиот Националниот совет за соработка со Хашкиот Трибунал, Расим Љајиќ, пишува весникот „Курир“; пренесува Нетпрес.

Љајиќ напоменал дека на лекарскиот тим од Србија им била покажана снимка од метастаза на канцер на црниот дроб на Шешељ.

Лекарите, денеска, треба да имаат состанок во Секретаријатот на трибуналот, а веднаш потоа планирано е да се вратат во Србија и да поднесат извештај.

– Потоа ќе видиме што ќе преземеме, рекол Љајиќ.

Тој дополнил дека лекарскиот тим го избрал лично Шешељ, а дека трошоците за нивниот престој и пат до Хаг ги платила државата.

Според Љајиќ, српските доктори го прегледале и Горан Хаџиќ, бидејќи неговата здравствена состојба е исто така многу сериозна, и напоменал дека ќе „направи притисок да се стори се’ што е можно да му се помогне“.

– Нема оправдување за постапките на Трибуналот кон Шешељ, за кого веќе 12 години, колку што е во притвор, не се донесува ниту првостепена пресуда, под една голема лепеза на изговори. Очекувам дека пресудата за Шешељ ќе биде донесена во јуни, в година, рекол Љајиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.