Шешељ останува во притвор одлучи Хашкиот трибунал

Судот на ООН соопштил дека лидерот на српската радикална партија Воислав Шешељ останува во притвор. Иако судот ја разгледувал можноста за ослободување на Шешељ, меѓународниот кривичен трибунал вчера соопштил дека судот решил да “го прекине процесот на условно ослободување на обвинетиот“, пишува „Балкан Инсајт“.

Одлуката предизвика лути реакции на соработниците на овој националистички политичар.

Зоран Красиќ, член на неговиот правен тим, Красиќ додал дека одлуката е „една од многуте незаконски и погрешни одлуки во случајот на Шешељ“, во кои спаѓа и долгиот период што обвинетиот политичар го поминал во притвор, односно од 2003 година кога доброволно му се предаде на Трибуналот.

Судот претходно од српската влада побара да се изјасни за пакетот гаранции доколку Шешељ биде привремено пуштен на слобода, вклучувајќи и негово останување во куќен притвор и гаранции дека тој нема да избега.

Но, Шешељ изјави дека доколку биде ослободен, тој нема да прифати никакви услови на судот и дека ќе продолжи со кампањата за својата националистичка кауза.  Нагласи дека ќе и се врати на српската политика, односно дека ќе држи собири, ќе дава интервјуа за медиумите и ќе го критикува Хашкиот трибунал како нелегален суд.

Шешељ му се предаде на судот во 2003 година, но неговото судење започна во 2007 година. Минатата година му беше дијагностициран рак.