Шеснаесет македонски дела ќе бидат преведени на странски јазик

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга ги објави најновите резултати од конкурсот за странски издавачи, министерството ќе поддржи 16 дела на 15 автори за превод на македонски дела на странски јазици.

Таа истакна дека интересот на странските издавачки куќи за превод на македонски дела е огромен.

– Конкурсот за странски издавачи е една од најкрупните реформи во областа на издавачката дејност во Република Македонија. Нашето досегашно искуство говори дека овој проект ќе има големи придобивки во контекст на афирмацијата на македонската книжевност во светот. Уверена сум дека бројот на апликации и во иднина ќе се зголемува, особено преку промоцијата на овој проект на големите саемски претставувања на Република Македонија, кои ќе се случуваат наредните два месеци во Франкфурт и Гетеборг, рече Канческа-Милевска.

На странски јазик ќе бидат преведни следните романи: „Трите века“ од Саво Костадиновски ќе биде преведен на германски јазик, „Храпешко“ на Ермис Лафазановски на полски и руски јазик и „Патот на јагулите“ на академик Луан Старова на руски јазик.

Наградуваниот роман „Вештица“ на Венко Андоновски ќе биде преведен на француски. Романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ на Гоце Смилевски ќе биде преведен и објавен на полски јазик.

Делото „Асхаровци“ од Трајан Петровски ќе биде преведено на српски „Балканскиот мегаетникум“ од проф. д-р Димитар Мирчев на словенечки јазик и издадено од Универзитетот во Љубљана.

Ќе бидат преведени и дела од литературата за деца: „Првата љубов на Розевата улица“ на Киро Донев и „Весел ЗОО Парк“ на Натали Спасова, ќе бидат објавени на украински јазик од издавачката куќа „Твердинаја“.

Покрај дела од прозната продукција, поддржани се и преводи на неколку поетски збирки од истакнати македонски поети, како и антологии на македонската поезија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.