Македонија

Шест детски државни одмаралишта им се нудат на приватни инвеститори

Шест детски државни одмаралишта им се нудат на приватни инвеститори

Со цел збогатување на туристичката понуда, како и заради влез на приватен капитал во дејноста социјална заштита, Владата во текот на летниот период ја усвои програмата и акцискиот план за овозможување на влез на приватен капитал и приватна иницијатива во дел од поранешните детски одморалишта.

За реализација на оваа програма во текот на минатата недела е објавен јавен оглас за продажба на шест поранешни детски одмаралишта. Притоа пет од овие шест одморалишта по продажбата ќе ја задржат дејноста туризам, а едно одморалиште согласно огласот ќе треба да биде пренаменето во приватен дом за згрижување на стари лица.

„Овозможувањето на влез на приватен капитал ќе се изврши преку отуѓување, односно продажба на имотот кој се наоѓа во овие детски одморалишта, кои се сега вон употреба, имот кој е во сопственост на Република Македонија, а чиј корисник е Министерството за труд и социјална политика“, истакна портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.

Се продаваат одмаралиштата: Ѓуриште во Свети Николе, со капацитет од 1060 м2, и почетна цена на наддавање од околу 57000 евра. Шула Мина во Крушево, со капацитет од 1216 м2, и почетна цена на наддавањето од околу 75000 евра. Суви Лаки кое се наоѓа помеѓу Берово и Струмица, со капацитет од 3446 м2, и почетна цена на наддавањето од 170 000 евра. Николиќ во Дојран, со капацитет од 6082 м2, и почетна цена на наддавањето од околу 315 000 евра. Малешево во Берово, со капацитет од 4001 м2, и почетна цена на наддавањето од 515 000 евра.

Согласно огласот и согласно постоечките детални урбанистички планови, новите потенцијални сопственици на овие капацитети по нивното купување треба да ја задржат дејноста туризам.