Шест повредени во експлозија на фабрика за оружје во Црна Гора

Шест работници се повредени денеска при експлозија во фабриката за оружје „Тара“ во црногорскиот град Мојковац.

Како што јави интернет изданието на подгоричкиот весник „Побједа“, повредните работници се вон животна опасност.

Веднаш по инцидентот на местото пристигнале возила на службата за брза помош, како и на противпожарната единица, но немало потреба од интервенција на пожарникарите, бидејќи работниците сами го изгаснале огнот што избувнал по експлозијата.

Причините за експлозијата засега не се познати.

Во фабриката „Тара“ се произведуваат пиштоли, пушки, пиротехника, ракетни мотори и средства за специјални намени за потребите на полицијата и војската.