Шест сообраќајки во Скопје за 24 часа

Во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Град Скопје од страна на сообраќајната полиција извршен е увид на вкупно шест сообраќајни незгоди.

Од нив, пет се со последица материјална штета и една е со последица телесни повреди во која со полесни повреди се здобил еден возач на патничко моторно возило.

Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 29 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, 18 возачи кои непрописно се престроиле пред крстосница, не го користеле безбедносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управување на возилото и 10 возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол. Тие се исклучени од сообраќај. Санкционирани се и 25 пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин или, пак, поминале на црвено светло на семафорот за пешаци, а од нив на 23 покрај поканата за наплата на глоба издадена им е и покана за сообраќајна поука.

Со помош на специјалното возило „пајак“ во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција отстранети се 76 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Денеска Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај ќе одржи сообраќајна поука со почеток во 19 часот во просториите на Полициската станица од општа надлежност Гази Баба на која ќе присуствуваат граѓани учесници во сообраќајот кои сториле прекршоци по разни основи во својство на пешаци.

За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива.