Шест велосипеди на „Градски паркинг“ уништени за само три месеци

За само три месеци од почетокот на сезоната за изнајмување велосипеди за оваа 2014 година се уништени шест велосипеди на ЈП „Градски паркинг“, информираат од Град Скопје.

Од 2010 година, кога почна со реализација проектот „Изнајми велосипед“, до месец јуни 2014 година уништени се вкупно 150 велосипеди, кои повеќе не се во употреба, а девет се украдени.

Екипите на „Градски паркинг“ секојдневно вршат поправки и ги сервисираат велосипедите за тие да бидат безбедни за користење. Ако некој украде велосипед, „Градски паркинг“ кражбата ја пријавува во полиција.

Градот Скопје апелира до граѓаните да ги чуваат и да не ги оштетуваат изнајмените велосипеди.