Шиитите ја нападнаа резиденцијата на јеменскиот премиер

Вооружените шиитски формации ја опколија вчера резиденцијата на јеменскиот премиер Халид Махфуза Бахах во Сана, неколку часа откако беше нападнат конвојот во кој се наоѓаше, при што не беше ранет, изјави портпаролот на јеменската Влада, Раџих Бади.

– Бахах се наоѓа во Републиканската палата на плоштадот Тахрир во Сана, каде живее откако во октомври беше назначен за премиер, истакна Бади.

Вооружените шиитски формации со тешко вооружување ги опколија двата влеза во резиденцијата, која се наоѓа во центарот на Сана.

Тој ги повика на итен состанок денеска сите политички сили во Јемен со цел да се изработат патокази за ставање крај на насилството.

Шиитската воооружена формација, позната како Хути, имаше жестоки судири вчра со војската во Сана пред стапувањето во сила на прекинот на огнот. Во тие судири загинаа девет лица.

Тие зазедоа воена база во близина на претседателската палата во Сана и зградите на државната телевизија и националната новинска агенција САБА.

Ситуацијата во Јемен се влоши, откако во саботата непознати напаѓачи го киднапираа шефот на претседателскиот кабинет, Ахмад Авад Бин Мубарак, во очигледен обид да влијаат на нацрт-уставот, чие составување го надгледува токму тој.