Шилегов: Да се објави тендерската документација за договорот со „Визарис мкд“

Бидејки Тодоров збунето призна дека случајот бил “малку неетички“, му укажуваме на министерот за здравство и неговиот претпоставен Никола Груевски, дека за ваков скандал, кој отвора медиумска корупција од невидени размери, во нормална демократска држава паѓаат влади, вели портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов коментирајќи ја вчерашната изјава на министерот за здравство Никола Тодоров.

„СДСМ бара: Никола Тодоров да не се правда со тврдења туку итно јавно да ги објави: тендерската документација, сите понуди, банкарските гаранции и потпишаниот договор за оваа скандалозна бизнис зделка. На крајот прашуваме: Каде сте премиере Груевски? До кога ќе играте по вашата стара практика кога е густо да ги оставате вашите соработници на лизгав терен? Дали овој пат одлучивте да го “лизгате“ Никола Тодоров иако Ивона Талевска е пред се Ваша омилена соработничка? Од кого и од што бегате премиере Груевски?!“, вели Шилегов.