Шилегов: Еден милион евра префрлени на сметката на Сител

Преку повеќе трансакции, на седум различни денови во тек на 2013 година, Владата на Никола Груевски префрлила над еден милион евра на Сител телевизија! За кампања. Владата од Илинденска ББ дели милиони на Градски стадион ББ!, вели портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов на денешната прес конференција.

„ Еден милион евра од Владата на Груевски на Сител, за реализација на кампања. Еден милион евра на семејната фирма на Талевска, за бизнисот со медицинска опрема. Еве како со пари на граѓаните се подмирува оваа милионската тарифа за корумпирање на медиуми и креирање на лажна реалност за истите тие граѓани. Преку пет поединечни трансакции во еден ден, на 27-ми јуни 2013 година, Владата на Никола Груевски префрлила на сметката на Сител телевизија 5 милиони 227 илјади 502 денари или 85 илјади евра. За реализација на кампања. На 27-ми август 2013 година Сител добива нови 85 илјади евра од Владата. На 25-ти октомври 2013 година Владата на Груевски префрла уште 55 илјади евра. За реализација на кампања. Повторно, на 11-ти ноември 2013 година Владата и дава на Сител телевизија нови 230 илјади евра преку 6 различни трансакции во еден ден. И преку други трансакции, на 30-ти ноември или 13-ти декември Сител добива од владата дополнителни 150 илјади евра! За реализација на кампања“, вели Шилегов.

Според него, заедно со трансферите пред изборите, вредни 450 илјади евра, Владата префрлила на сметката на Сител телевизија повеќе од еден милион евра!