Шилегов:Талевска била доминантен сопственик во Висарис пред добивањето на тендерот

Цели девет месеци пред објавувањето на тендерот од Министерството за здравство новинарката Ивона Талевска била доминантен сопственик во фирмата Висарис, вели портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов кој тврди дека Талевска од фирмата се повлекла на само девет дена пред распишување на тендерот за набавка на медицинска опрема.

„Овој официјален документ од Централниот регистер покажува дека доминантен сопственик на фирмата ВИСАРИС МКД ДОО Скопје, уште при основањето е, внимавајте, не мајката Лимба, туку самата уредничка бизнисменка Ивона Талевска. Цели 9 месеци Ивона Талевска е доминантна сопственичка на фирмата за медицинска опрема ВИСАРИС ДОО Скопје. Што се случува. Девет дена откако е распишан милионскиот тендер од страна на министерството за здравство, Ивона Талевска се повлекува од фирмата и му ги дава акциите на малцинскиот партнер, Марко Петровиќ. Тендерот е распишан на 11 декември 2012 година, а Ивона Талевска се повлекува на 20 декември 2012 година. ВИСАРИС МКД ДООЕЛ Скопје конкурира на тендерот и за 4 месеци го добива милионскиот бизнис од Никола Тодоров“, вели Шилегов.

Тој ја повика и Владата и премиерот Никола Груевски да се изјаснат околу случај.