Шимоновиќ: Силно верувам дека е можно да се реши кризата

Организацијата на Обединетите Нации (ООН) ќе продолжи да и помага на земјата и уште поблиску ќе соработува со сите државни институции, со граѓанското општество, како и со другите меѓународни актери, особено со европските и регионалните организации во насока да обезбедиме помош во справувањето со ситуацијата, пренесе МИА.

Ова денеска го изјави Иван Шимоновиќ, помошник генерален секретар на ООН за човекови права, кој се наоѓа во посета на Скопје.

– Силно верувам дека е можно да се реши кризата особено ако на неа се работи во рамката на човековите права и подобра заштита на човековите права, нагласи Шимоновиќ.

Според него, решавањето на политичката криза во која се вклучени политичките актери, со посредство и на претставници на меѓународната заедница, треба да се прави не само во Стразбур, туку и во земјата.

Тој го поздрави отворањето на дијалогот меѓу Владата и опозицијата за намалување, како што рече, на тензиите и за справување со кризата. Потенцира дека е неопходно да се прошири дијалогот и да се вклучи и граѓанското општество за градење доверба.

Шимоновиќ оцени дека има потреба од брза, сеопфатна и независна истрага, како за инцидентите во Куманово, така и за инцидентите поврзани со прислушувањето.

На денешната средба со Јавниот обвинител, подвлече Шимановиќ, разговарале за настаните во Куманово, при што бил информиран дека одредени истражни активности се спроведуваат и напредуваат.

– Сметам дека за прашањето со Куманово ќе биде потребна и одредена меѓународна помош, изјави  помошник генералниот секретар на ООН за човекови права.

Тој изрази уверување дека продолжувањето со реформите за пристапувањето кон ЕУ, во рамката поврзана со човековите права и нејзините одредници, обезбедува јасен пат по кој што треба да се движи Македонија.

– Согледуваме силна заложба за разновидно и мултиетничко општество подеднакво почитувајќи ги сите човекови права, како и силна заложба за преземање на неопходните реформи за приклучување кон ЕУ, рече тој.

Меѓу другото, нагласи дека треба да се зајакне улогата на Народниот правбранител.

фото: МИА