Македонија

Школа по црковно пеење од византиската традиција во Смојмирово

Школа по црковно пеење од византиската традиција во Смојмирово

Школата по црковно пеење од византиската традиција во Смојмирово, обновена од Универзитетот „Евро Балкан“-Скопје, која веќе втора година го носи името на нејзиниот втемелувач, преродбеникот Андон Шахпаски, ќе се одржува од денеска до 9 јули.

– И во оваа 2015 година програмските содржини Школата ќе ги реализира традиционално во црквата Успение на Пресвета Богородица во Смојмирово и во некои други храмови во Малешевијата, каде пред повеќе од еден век делувал Андон Шахпаски и имал своја школа за псалти и хор. На Школата ќе се изучува теоријата и практиката на источното црковно пеење според хрисантовиот нов метод, афирмирајќи го во прв ред црковно-музичкото творештво на авторите од Македонија, соопшти организаторот.

Со Школата ќе раководат проф.д-р Јане Коџабашија и м-р Мирјана Павловска-Шулајковска, а концерти ќе одржи камерниот хор „Херувими“ – Скопје. Проектот е поддржан од Министерството за култура.

Во 2003 година е откриен музички ракопис, прв во низата подоцна откриени ракописи од оставнината на Андон Шахпаски (околу 1860-1928)., дотогаш непознат претставник на црковното пеење од втората половина на 19-ти и почетокот на 20 век. Првиот од двата дела на овој ракопис беше објавен во 2004 под наслов „Краток воскресник”.

Претпоставките изнесени во воведот на оваа книга, дека Андон Шахпаски поседувал солидна библиотека од црковни книги и ракописи  кои самиот ги пишувал, се потврдиле со пронаоѓањето на уште пет печатени книги и неколку ракописни псалтикии. Се потврдиле и претпоставките дека Шахпаски имал и своја школа за псалти и хор, кој пеел на неделните и празничните богослужби во црквата Успение на Пресвета Богородица во родното Смојмирово.

Подоцнежните истражувања покажале дека покрај помалиот брат, Александар, и синовите Аралампие и Јован, ученици на Андон Шахпаски и членови на неговиот хор биле и пејачи од неговото родно село и од други малешевски села.

Школата за псалти и хорот кои ги формирал Андон Шахпаски продолжиле со работа и по неговата смрт во 1928  под раководството на Аралампие и била позната пошироко во источниот дел на вардарска Македонија. Во првите години по ослободувањето школата за псалти во Смојмирово престанала да работи. Без прилив од млади пејачи, хорот во кој, главно, останале старите псалти, со текот на годините се намалувал.

Наследник на Андон како црковен пејач, раководител хорот и на школата за псалти бил Аралампие Шахпаски (1898-1993), кој во црквата Успение на Пресвета Богородица во Смојмирово пеел се до пред крајот на 20 век  доживувајќи ја новата преродба на македонското црковно пеење