Шлатл: Деловната клима во Македонија е релативно стабилна

Деловната клима во Македонија е релативно стабилна, а постојните австриски инвеститори во земјата преземаат мерки за проширување на деловните активности, што е добар знак.

Ова го истакна Герхард Шлатл, трговското аташе во Амбасадата на Австрија во Македонија и претставник на Стопанската комора на Австрија  во одговор на новинарско прашање пред почетокот на бизнис форумот меѓу македонски и австриски компании што се одржува во Стопанската комора на Македонија, пренесува МИА.

– Секоја година спроведуваме анкета меѓу австриските инвеститори кои работат во Македонија за деловната клима и би рекол дека е релативно стабилна. Интересот на австриските компании да инвестираат во Македонија може да биде и повисок. Се разбира дека секогаш има можност за подобрување и за повеќе инвеститори, но она што можам да го кажам е дека постојните инвеститори од Австрија во Македонија преземаат мерки за проширување и зголемување на деловните активности што е добар знак, изјави Шлатл.

Прашан колкаво е влијанието на актуелната политичка ситуација врз бизнисот, рече дека бизнисот секогаш сака да има стабилна и предвидлива легална рамка.

– Како претставник  на трговскиот и економскиот сектор од Австриската амбасада во Македонија, но и како претставник на Стопанската комора на Австрија не можам да коментирам вакво прашање, но за развојот на деловната клима важно е да има предвидлива рамка и предвидливо опкружување во однос на законите. Она што можам да го кажам во моментов е дека според австриските фирми, тие услови во Македонија постојат, рече Шлатл.