Шојбле: Германија нема разработено модел за излез на Грција

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле ги демантираше шпекулациите дека Берлин разработил модел за излез на Грција од еврозоната, таканаречен „Грексит“ (Grexit), пренесе МИА.

– Не подготвуваме никаков Грексит, изјави Шојбле на Светскиот економски форум, кој се одржува во Давос.

Прашањето за евентуално напуштање на Грција од еврозоната повторно се актуелизира непосредно пред одржувањето на изборите в недела, на кои според анкетите се очекува да победи радикалната партија СИРИЗА.

Шојбле ги пофали напорите на Атина за заздравување на својата економија. Тој предупреди дека земјата нема да добива помош од новата програма на Европската централна банка за стимулирање на економијата, доколку било која влада одлучи да не ги спроведува реформите, наметнати од меѓународните кредитори.