Шокантни бројки: Секој скопјанец троши по половина тон вода на ден

Со стартот на високите температури, во градот се зголемува потрошувачката на вода, но традиционално не изостанува и нејзиното нерационално користење и злоупотреба.

Скопјани, во летниот период, во просек трошат од 500 до 550 литри вода на ден. Ако се земат во предвид официјалните бројки од пописот во 2002 година, според кои главниот град има околу еден милион жители, поточно 1.013.852, излегува дека во просек, на ден во Скопје се трошат фантастични 557.618.600 литри вода дневно, пресметано според вториот параметар.

Тоа значи дека скопјани трошат речиси двојно повеќе на пример споредено со жителите на Амстердам, каде се трошат околу 209 литри вода дневно. Во Лисабон поторшувачката е 210 литри, а во Виена, пак, околу 270 литри вода по глава на жител дневно.

Штедењето во светски рамки станува задолжителна мерка, но, кај нас тоа се’ уште е  непозната тема. Со водата за пиење, која се троши како да е неисцрпен ресурс, се  полеваат тревници, се мијат автомобили, се наводнуват земјоделски површини, тревници… и што уште не.

Сепак, од ЈП „Водовод и канализација“ посочуваат дека  жителите на метрополата нема да почувствуваат недостиг на вода, ниту пак ќе се воведат рестрикции бидејќи рашчанскиот извор во целост ги задоволува потребите на граѓаните, а дополнително е зајакнат со два бунарски системи во Нерези и Лепенец.

„Изворот Рашче во целост ги задоволува потребите за вода на граѓаните на Скопје кој се се состои од две Каптажи, Рашче 1 и Рашче 2, со вкупен инсталиран капацитет од 6.000 литри во секунда. Состојбата со издашноста на изворот Рашче е добра затоа што неговата хидролошка состојба е поволна. Доколку се појави потреба од дополнителни количини на вода може да се активираат и бунарските подрачја Нерези и Лепенец кој имаат вкупен инсталиран капацитет од 1500 литри во секунда“, велат од „Водовод“

Освен нискиот процент на наплата, најголемиот проблем со кој водоводното претпријатие се соочува во летниот период и понатаму останува злоупотребата на водата за пиење, што особено жителите во руралните делови ја користат за наводнување на земјоделски површини.

„Таква злоупотреба се забележува во приградските средини поради што во повисоките зони од Градот Скопје во летниот период може да дојде до намалување на притисокот на вода. Затоа сме принудени да правиме редовните и вонредни контроли како и во соработка со комуналната инспекција да спроведуваме акции за исклучување. Ставот на ЈП Водовод и канализација-Скопје е јавните зелени површини во Градот Скопје  да се наводнуваат исклучиво со техничка вода од бунари. Според наши информации досега бунари имаат изградено општините Аеродром, Гази Баба и Карпош. Исто така и Градот Скопје има изградено бунари со посебен систем за наводнување на зелените површини во Градскиот парк“, велат од „Водовод“.

Совети за рационално користење на водата:

Граѓаните редовно да ги проверуваат славините и казанчињата и да ги поправаат доколку  течат. Пресметките велат дека доколку една чешма капе со брзина од три капки во секунда, за еден ден ќе истечат речиси 29 литри вода. Неисправното казанче троши вода колку четиричлено семејство. За капење во полна када еден човек троши до 150 литри вода, а за туширање се потребни до 30 литри.