Шоу на Томас Милер, Роналдо како мало дете

Вистинска лекција по модерен фудбал добија репрезентативците на Португалија од тие на Германија. Долго очекуваниот дуел помеѓу најголемите фаворити за првата позиција во групата „Г”, заврши со убедлив триумф на Германија од 4:0, а најзаслужен за освоените три бода е напаѓачот на Баерн (М), Томас Милер кој го постигна првиот хет трик на Мундијалот во Бразил.

Во листата на стрелци се запиша и дефанзивецот на Борусија од Дортмунд, Матс Хумелс, а само неколку минути после неговиот погодок, директен црвен картон заработи дефанзивецот на Португалија, Пепе, кој се обиде физички да се пресмета со напаѓачот на Германија, Томас Милер.

„Одигравме лошо прво полувреме, што Германците умееја одлично да го искористат. Поведоа со убедливи 3-0, а ние останавме и со играч помалку на теренот. Беше јасно дека не можеме да се вратиме, посебно што бевме хендикепирани, со десетмина на теренот. Во вториот дел, и покрај хендикепот, успеавме да оствариме многу поголема контрола на топката, иако тоа не резултираше и со некој поголем ефект. Доживеавме голем пораз и сега треба да се фокусираме што е можно побрзо да се вратиме психолошки, затоа што не очекуваат уште два натпревари, на кои мораме да бидеме многу, многу подобри“, изјави селекторот на Португалија, Паоло Бенто.