Шпанската Баскија изгласа декларација за самоопределување

Баскијците му создадоа нови главоболки на шпанскиот премиер Маријано Рахој

Пратениците во локалниот парламент на автономната област Баскија во северна Шпанија усвоија декларација за самоопределување, настојувајќи за повеќе овластувања и создавајќи нова потенцијална главоболка за шпанскиот премиер Маријано Рахој, објавува „Ројтерс“, пренесува Нетпрес.

Автономната северна шпанска област, која веќе има значителни овластувања за самоуправување, па дури може и да собира сопствени даноци, се движи по стапките на регионалниот парламент на Каталонија, кој пак минатата година побара суверенитет, потенцира „Ројтерс“.

Декларацијата на баскискиот локален парламент била поддржана од 48 пратеници од баскиската Национална партија и од партијата „Билду“, која настојува за целосна независност од Шпанија. Против гласале 27 пратеници од владејачката десничарска Народна партија, опозициските социјалисти и пратениците од партијата Прогрес и Демократија.

Според „Ројтерс“, не е јасно дали по баскиската декларација, која е политички документ без правна тежина, ќе следат понатамошни стапки кон отцепување, како што се случи во Каталонија.