Шпанскиот суд покрена истрага за престојот на Кулибали во Мадрид

Шпанскиот суд покрена прелиминарна истрага за престојот на францускиот исламистички терорист Амеди Кулибали во Мадрид неколку дена пред минатонеделните напади во Париз, пренесе Танјуг, повикувајќи се на АФП.

Откако го примил полицискиот извештај за ова судијата Елој Веласко одлучил дека поради можната соработка со некоја локална терористичка ќелија, треба да се истражи престојот на Кулибали во Шпанија, на неговата партнерка Хајат Бумедијен и „третото лице кое можеби и помогнало на Бумедијен да пребега во Сирија“.

Кулибали беше ликвидиран од страна на француската полиција на 9-ти јануарти откако тој усмрти четири заложници во еврејскиот супермаркет во Париз.

Според весникот во Барселона Ла вангардија Кулибали во Шпанија престојувал во периодот помеѓу 30-ти декември и 2-ри јануари заедно со уште едно лице чијшто идентитет засега не е утврден.

За Хајат Бумедијен се знаеше дека престојувала во Мадрид пред минатонеделните напади во Париз, но дури сега се дознава дека и Кулибали престојувал во Шпанија.

Според податоците на шпанските власти околу 70 исламистички борци кои престојувале во конфликтните зони како што се Сирија и Ирак во текот на 2014 та година се вратиле во Шпанија, а од почетокот на годинава тоа го сториле уште 10-тина лица.

фото: wsj